Надлежности на Градоначалникот
Градоначалникот на општината е извршен орган и Претставник на општината.
Надлежности на Градоначалникот
(1) Градоначалникот:
1. Ја преставува и застапува општината
2. Ја контролира законитоста на прописите на советот
3. Ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината
4. Го обезбедува извршувањето на одлуките на советот
5. Го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината
6. Иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот
7. Го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината
8. Го извршува буџетот на општината
9. Избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс
10. Редовно го известува советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со статутот
11. Решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со законот
12. Донесува правилник за систематизација на работните места на општинската администрација
13. Раководи со општинската администрација
14. Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон
15. Обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината, во согласност со закон и статут и
16. Врши други работи утврдени со закон и статутот
(2) Градоначалникот може да овласти раководен службеник на општината да ја води постапката и да решава во управни работи, како и да потпишува акти.
Избор на градоначалник
Градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.
Контрола на законитоста на прописите пред нивното објавување
(1) Ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.
(2) Советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него.
(3) Ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.
(4) За иницијативата од ставот (3) на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Извршување на функцијата градоначалник
(1) Новоизбраниот градоначалник ја презема должноста од претходниот градоначалник во рок од седум дена од денот на изборот.
(2) Градоначалникот ја врши професионално својата функција.
(3) За време на вршењето на функцијата градоначалникот не може да врши други професионални дејности.
(4) Градоначалникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење во советот.
(5) Градоначалникот определува кој од членовите на советот ќе го заменува во случаи на спреченост или отсуство, во согласност со постапка утврдена со статутот.
(6) На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето кога го замнува градоначалникот.
(7) Платата и надоместоците на градоначалникот, како и надоместокот на членот на советот кој го заменува градоначалникот, се уредуваат со закон.
Конфликт на интереси на градоначалникот
(1) Градоначалникот не може да биде именуван за член во надзорни, управни и контролни органи на трговски друштва и јавните служби.
(2) Градоначалникот не може да учествува во процесот на одлучување за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, деца или роднина до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес.
(3) Градоначалникот е должен да го информира советот за интересот од ставот (2) на овој член.
(4) Во случаите од ставот (2) на овој член одлучува еден од членовите на советот избран на начин на кој се избира претседателот на советот.
Престанок на мандатот на градоначалник
(1) На градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон:
– ако поднесе оставка;
– во случај на смрт;
– ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци;
– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност;
– ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори;
– во случај на неоправдано отуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.
(2) За оправданоста на отсуството од ставот (1) алинеја 6 на овој член одлучува советот, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на советот.
(3) Членот на советот кој го заменува градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на настапувањето на еден од случаите од ставот (1) на овој член е должен за тоа да го извести министерството надлежно за работите што се ондесуваат на локалната самоуправа.
(4) Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ставот (3) на овој член ја известува Владата на Република Северна Македонија, која во рок од еден месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од случаите од ставот (1) на овој член и истовремено иницира постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон.
(5) Советот, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката на Владата од ставот (4) на овој член, ќе ја врши должноста на градоначалникот за периодот од изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на советот.
(6) На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето на вршењето на должноста градоначалник во согласност со ставот 6 на овој член.
(7) Изборите од ставот 4 на овој член нема да се спроведат доколку до нивниот изборен период има помалку од шест месеци.
Акти на градоначалникот
За решавање на поединечните права, обврски и интереси на физичките и правните лица, градоначалникот донесува решенија.