Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Кичево се наоѓа во западниот дел на Република Северна Македонија, сместен во Кичевската Котлина, која претставува јасно обликувана природна целина, опколена од сите страни со високи планини. Припаѓа на горното сливно подрачје на реката Треска, на северната страна допира до превојот Стража, на западната страна се издига планината Бистра, на јужната страна по долината на реката Треска се протега до Илинска Планина, а на источната страна допира со јужниот дел на областа Порече. Градот Кичево, како урбан центар, се наоѓа на надморска височина од 625-650 метри. Останатите населени места се наоѓаат на надморска височина од 600 до над 1000 метри.

Кичево е оддалечено 110 километри од Скопје, а се наоѓа на речиси половина пат меѓу Гостивар (46 километри) и Охрид (61 километар). Градот Кичево со својата местоположба претставува еден од најважните сообраќајни и транзитни центри во Западна Македонија.

Што се однесува до површината, административно до 2013 година Општина Кичево покриваше најмал дел во споредба со другите општини, односно 49 км2, што претставува 5,9% од вкупната површина во Кичевската Котлина и другите области кои гравитираат околу Кичевско. Според бројот на жители, Кичево беше најголема општина, со 52,5% од вкупниот број на жители во регионот, сè до 2013 година кога општините Другово, Вранештица, Зајас и Осломој се припоија кон Општина Кичево.

Југозападен плански регион

Југозападниот плански регион е еден од осумте во рамките на Република Северна Македонија, и во него влегуваат 9-те општини: Вевчани, Дебар, Дебрца, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Струга и Центар Жупа.

Релјефот на Југозападниот плански регион е планински и котлински. Преовладуваат високи планини чија надморска височина преминува и над 2000 м. Во регионот најголема е Охридско-струшката котлина сместена помеѓу планините Јабланица и Галичица, во еден дел исполнета со Охридското Езеро. Регионот е карактеристичен по извонредната застапеност на пештери со оглед на варовничкиот состав на планините. Изобилува со природни, вештачки и глацијални езера, и е еден од најпошумените во Република Македонија.

Back to top