Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Во Општина Кичево се одржа Форум на немнозинските заедници: „Културниот дијалог како мотор за локален развој“

Во салата на Советот на Општина Кичево се одржа значаен интеркултурен форум посветен на културната различност, меѓусебното почитување, дијалогот и заедничкото градење на поинклузивно општество.

Настанот беше организиран во соработка со Форумот на немнозинските заедници во Република Македонија, а Општина Кичево беше домаќин и покровител на оваа иницијатива, која ја истакна важноста на културниот дијалог како основа за локален развој, социјална кохезија и хармоничен соживот.

На форумот присуствуваше градоначалникот на Општина Кичево, Д-р Александар Јовановски, како домаќин и покровител на настанот, кој во своето обраќање ја нагласи важноста на Кичево како град со богато мултикултурно наследство, град во кој различностите претставуваат вредност, сила и мост на заедништво.

Свои обраќања и присуство на настанот имаа и екс премиерот на Република Македонија, г. Емил Димитриев, заменик-министерот за јавна администрација, г. Лазе Јаќимоски, Националниот координатор за меѓуетничка и меѓуресорска соработка, г. Салко Куч, како и бројни претставници на немнозинските заедници, гости, претставници на институции, граѓански организации и медиуми.

Настанот го водеше Наташа Станчиќ, додека координатор на Форумот на немнозинските заедници беше Братислава Танасковиќ, која ја истакна мисијата на Форумот во насока на промоција на правата, интересите, културата и активното учество на немнозинските заедници во општествените текови.

Посебен акцент на форумот беше ставен на младите луѓе од различни заедници, кои преку своите успеси, ангажман и личен пример придонесуваат за афирмација на меѓусебното разбирање, почитта и соработката. Во таа насока, на настанот беа доделени сертификати и признанија од страна на градоначалникот д-р Александар Јовановски, како симболично признание за трудот, посветеноста и придонесот кон промовирање на гласот на локалната заедница и културната разновидност.

Форумот беше организиран во духот на одбележувањето на 21 Мај – Светски ден на културната разновидност за дијалог и развој, прогласен од Обединетите Нации, со цел да се поттикне свеста за значењето на културните разлики, дијалогот и заемното почитување како темелни вредности на секое современо демократско општество.

Кичево, како град препознатлив по својот соживот, културна разновидност и традиција на меѓусебно разбирање, уште еднаш покажа дека различностите не нè делат, туку нè зближуваат и нè прават посилна заедница.

Општина Кичево и понатаму останува посветена на поддршка на иницијативи кои ја унапредуваат културата, дијалогот, еднаквоста, меѓуетничката соработка и активното учество на сите заедници во локалниот развој.

Со почит кон секоја култура, со разбирање за секоја различност и со заедничка визија за подобра иднина — Кичево продолжува да гради мостови на соработка, доверба и заедништво.

Back to top