Одлука за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција, проширување и урбан дизајн на постоечкиот плоштад во Кичево
Комисијата за избор на идејно решение констатира дека Конкурсот за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција, проширување и урбан дизајн на постоечкиот плоштад во Кичево е успешно спроведен и согласно евалуацијата и рангирањето на пристигнатите трудови, комисијата донесе конечната одлука за распределба на наградите и тоа:
Прворангиран е конкурсниот труд со шифра „ТРИАД“ со доделена ПРВА НАГРАДА во износ од 100.000,00 денари,
Второрангиран е конкурсниот труд со шифра „А1В2С “ со доделена ВТОРА НАГРАДА во износ од 50.000,00 денари,
Треторангиран е конкурсниот труд со шифра „ЗА111“ со доделена ТРЕТА НАГРАДА во износ од 30.000,00 денари.
КРАТОК ОСВРТ НА НАГРАДЕНИТЕ ТРУДОВИ
Конкурсниот труд под шифра „ТРИАД“, во споредба со другите наградени дела, се издвои со автентичен и креативен дизајнерски пристап што ги балансира функционалноста, естетиката и поврзаноста со околниот простор. Овој труд покажува многу квалитетно и јасно решение на дадените функции во рамките на условите на урбанистичкиот план. Решението не е само архитектонски хармонично, туку и длабоко осмислено, земајќи ја предвид улогата на плоштадот како „срце“ на градот и неговиот потенцијал да стане автентичен, жив центар на секојдневниот живот во заедницата.
Комисијата за избор на идејно решение го препозна квалитетот на ова решение преку неговата способност да создаде простор што е многу повеќе од функционален плоштад. Преку внимателно изработени форми, сеопфатен пристап и богата материјализација, дизајнот создава динамичен и сензуален амбиент што поканува на интеракција и престој. Просторот се перцепира како „урбана соба“, место каде што коегзистираат различни функции, а земајќи го предвид слоевитоста на просторот, тој нуди повеќе можности и видови на употреба, од секојдневни комерцијални активности до социјални собири и културни настани. Без доминација на претенциозни или банални идеи, решението внимателно ги поврзува клучните просторни врски и создава хармоничен простор кој зрачи со смиреност, топлина и виталност. Во овој контекст, проектот претставува урбанистичко-архитектонска интервенција во централното градско јадро, насочена кон интеграција и унапредување на јавниот простор преку поврзување на три сегменти – плоштадите „Ослободување“, „Обединување“ и „Осознавање“ во единствен просторен систем.
Концептот на плоштадот „Ослободување“ во Кичево се базира на идејата за просторно и пејзажно протекување на зеленилото од локалитетот Китино Кале кон централното градско подрачје, преку негово постепено „спуштање“ и интеграција со постојното зеленило. Овој пристап се надополнува со воведување на нови програмски слоеви, чија конечна дефиниција и активирање се оставени на самите корисници, овозможувајќи динамичен и адаптибилен јавен простор.
Концептот на плоштадот „Обединување“ во Кичево се заснова на обединување и поврзување на двата значајните религиски објекти во еден плоштад и една пешачка зона со што овој плоштад станува плоштад на две религии. Оваа интевенција го афирмира градот како мултиетнички град во кој различноста не е само присутна, туку длабоко вкоренета во неговото секојдневие. Неговата мултиетничка структура не се доживува како поделба, туку како богатство – како слоевит идентитет кој се градел низ времето, а со оваа интервенција просторно ќе се обедини. Во контекст на мултиетничкиот карактер на Кичево, интеграцијата на верските простори во рамки на заеднички јавен простор претставува силна урбана и симболичка интервенција.
Концепт на плоштадот „Осознавање“ во Кичево сместен северно од Домот на култура е дефиниран како плоштад на културата, простор каде корисникот го осознава личното, колективното како и урбаното. Плоштадот се артикулира како амбиент на перцепција и доживување, каде архитектурата не се сведува само на формална композиција, туку функционира како медиум преку кој се рефлектира и интерпретира културниот живот на заедницата. Преку својата отвореност и програмска флексибилност, плоштадот се позиционира како платформа за доживување, каде просторот и настанот се спојуваат во единствен процес на осознавање.
Секој од плоштадите има специфична улога во оваа целина: „Ослободување“ се артикулира како нов репрезентативен урбан простор, „Обединување“ како постоечко јадро кое се дооформува и интегрира во линиска секвенца, додека „Осознавање“ се развива како културна платформа со летен амфитеатар, кој овозможува разновидни јавни и културни настани. Партерното уредување се третира како клучен елемент во обликувањето на целокупниот просторен идентитет и функционалната поврзаност на интервенцијата. Преку внимателен избор и комбинација на материјали, се воспоставува јасен, но суптилен континуитет помеѓу различните просторни сегменти.
Интервенцијата го почитува постојниот историски и урбан контекст, особено во зоната на чаршијата, додека преку зголемување на зелените површини се унапредуваат еколошките и амбиенталните квалитети. Со тоа се создава континуиран, флексибилен и инклузивен јавен простор кој ги поттикнува социјалните интеракции и културниот живот.
Како заклучок, ова концептуално решение претставува исклучително висококвалитетно архитектонско дело кое успешно ги балансира функционалноста, естетиката и одржливоста.
Конкурсниот труд под шифра „А1В2С“ како второнаградениот труд се издвојува по својот комплексен пристап во однос на сите дадени критериуми на конкурсната задача, реализирајќи висококвалитетен просторен состав, кој се карактеризира со архитектонски интегритет на планираните структури, нивна поврзаност, слична концепција, материјализација и партерно уредување. Делото се карактеризира со чувствителен пристап кон локацијата и јасно артикулирана идеја која преку убаво направената анализа го објаснува предложеното решение.
Земајќи ја предвид силата на концептуалниот предлог, графичката презентација, деталното графичко и текстуално објаснување, членовите на жирито препознаваат висок степен на квалитет во презентираната работа.
Конкурсниот труд под шифра „ЗА111“ го привлекува вниманието со инвентивното сообраќајно решение. Трудот претставува едноставно решение кое е добро за животната средина и се вклопува во просторот, но му недостасува содржина што би ги привлекла корисниците. Не ја чувствувате намената на просторот, освен како транзитна зона. Трудот ги предвидува потребните содржини во просторот, но нивниот дизајн, како и просторното уредување, не го покажуваат потребниот квалитет. Концептот е едноставен, но не е доволно импресивен. Добрата анализа на просторот и зонирањето се примарен квалитет на ова решение, но недостасува елаборација за формирањето на зонските елементи. Иако постојат одредени структурни предизвици, решението покажува потенцијал за понатамошен развој.
ЗАКЛУЧОК
Комисијата за избор на идејно решение констатира дека Конкурсот за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција, проширување и урбан дизајн на постоечкиот плоштад во Кичево е успешно спроведен и им се заблагодарува на сите учесници за вложениот труд и ангажман во пристигнатите трудови. По евалуацијата на трудовите, членовите на жирито едногласно одлучија на трудот означен со шифрата „ТРИАД“да му ја доделат првата награда, на трудот означен со шифрата „А1В2С“ втората награда и на трудот означен со шифра „ЗА111“ – трета награда. Членовите на комисијата за избор на идејно решение сметаат дека прво рангираниот труд претставува најдобар одговор на барањата во конкурсната задача.
Комисија за избор на идејно решение:
Ристе Лазаровски, Претседател
Фисник Фејза, член
Ирена Велјаноска, член
Александра Анаќиоска, член
Беким Мустафај, член