Денес Општина Кичево ја исполнија љубопитноста, насмевките и прашањата на учениците од VI одделение од ООУ „Кузман Јосифоски-Питу“ – Кичево, кои беа во едукативна посета на локалната самоуправа
Учениците беа пречекани од градоначалникот Д-р Александар Јовановски, кој им посака добредојде и им објасни дека Општината е институција која секојдневно работи за граѓаните, за уредување на градот, подобрување на услугите и создавање подобри услови за живот.
Во салата на Советот, учениците дознаа од градоначалникот како функционира Советот на Општината, како советниците расправаат и донесуваат одлуки, како се усвојуваат програми и планови и зошто е важно граѓаните да бидат вклучени во развојот на својата заедница.
Потоа, учениците го посетија кабинетот на градоначалникот, каде имаа можност да се запознаат со работата на градоначалникот и со одговорностите што ги носи водењето на една општина.
Учениците покажаа голем интерес и за работата на урбанизмот, каде им беше објаснето како се планира изгледот и развојот на градот. Тие слушнаа како се носат урбанистички планови, како се определуваат улици, градежни парцели, јавни и зелени површини, инфраструктура, пешачки зони, сообраќајни решенија и простори за објекти од јавен интерес.
Посетата продолжи и во архивата, каде учениците дознаа како секој документ што пристигнува во Општината се прима, заведува, обработува, доставува до соодветните служби и се чува како дел од службената документација.
Оваа посета беше убава можност учениците практично да видат како функционира една институција, како се носат одлуки и како секоја служба има своја важна улога во работата на Општината.
Токму ваквите средби имаат посебно значење, бидејќи кај младите будат интерес, љубопитност и желба за учење. Можеби токму меѓу овие ученици се наоѓа некој иден архитект, правник, урбанист, инженер, економист, административен службеник, советник или градоначалник — некој што еден ден ќе придонесува за развојот на Општина Кичево и ќе работи во служба на своите сограѓани.