Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Општина Кичево го усвои Локалниот акциски план за управување со отпад

Општина Кичево го усвои Локалниот акциски план за управување со отпад, кој е усогласен со и произлегува од Оперативниот регионален план за управување со отпад и има за цел да воспостави одржлив механизам за управување со отпад во општината, но и во поширокиот регион.

Приоритетите кои се предвидуваат во Локалниот акциски план, преку инклузивен процес со засегнатите страни од заедницата, ќе придонесат кон константно подобрување на услугите за управување со отпад и подобрување на еколошката слика на општината, како и кон ефикасно и економски оправдано функционирање на надлежните институции на општо задоволство на сите во заедницата и во регионот.

Поконкретно, со овој план ќе се подобрат состојбите во однос на обезбедување услуги за управување со отпад, пред сè за собирање и транспорт на отпад на што е можно повеќе корисници, воведување систем за селекција на отпад и собирање на посебни текови на отпад, намалување на количините на органски отпад кои завршуваат во депонијата и затворање на дивите депонии во Општина Кичево. Исто така, предвидено е да се пронајде начин со кој ќе се обезбедат дополнителни приходи кои целосно ќе ги покријат трошоците за управување со отпад.

За остварување на овие приоритети, од суштинско значење е партиципативниот и инклузивниот пристап на сите чинители и засегнати страни во општината, почнувајќи од самата локална самоуправа и нејзините тела, преку бизнис-заедницата, па сè до самите граѓани. Очекуваме секој од нас да даде личен придонес за справувањето со отпадот во нашата општина.

Локалниот акциски план го подготви работна група составена од членови на општинската администрација и јавното комунално претпријатие, со поддршка од SALAR International и Шведската агенција за меѓународен развој.

Планот е достапен на следниот линк:
Локален акциски план за управување со отпад 2024 – 2025

Back to top