Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Општина Кичево и Општина Пустец официјално го потврдија збратимувањето и ја продлабочија меѓусебната соработка

Со особена чест и задоволство ја информираме јавноста дека за време на официјалната посета на делегацијата од Општина Кичево во Општина Пустец, Република Албанија, беше официјално потврдено и унапредено збратимувањето помеѓу двете општини, како силен израз на пријателство, меѓусебно почитување и заедничка визија за иднината.

Делегацијата на Општина Кичево, предводена од градоначалникот Д-р Александар Јовановски, а во чиј состав беа и пратеникот г. Ѓорѓија Сајкоски, заменик-министерот за јавна администрација г. Лазе Јаќимоски, г. Александар Мицкоски и г. Дејан Пандилески, присутни беа и претставници од здружението „ЗОШТО“, претседателот Панди Јани и секретарот Спиро Малевски кои остварија официјална и содржајна посета на Општина Пустец, каде домаќин беше градоначалникот г. Пали Колефски.

Оваа значајна средба претставува уште една потврда дека пријателските односи меѓу општините можат да се развиваат во цврсти партнерства, насочени кон размена на искуства, меѓусебна институционална поддршка и реализација на заеднички иницијативи во повеќе области од локално значење.

Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да посети повеќе значајни институции, објекти и културно-историски обележја во Општина Пустец, меѓу кои:

Основното училиште „Трајан Колевски“
Црквата „Св. Архангел Михаил“
Бистата на Гоце Делчев
Музејот на истакнатиот писател Стерјо Спасе

Преку оваа посета беше испратена силна порака за негување на добрососедските односи, заштита и промоција на културните вредности, како и за создавање нови можности за соработка во сферата на образованието, културата, локалниот развој, туризмот и поврзувањето меѓу граѓаните на двете општини.

Збратимувањето помеѓу Општина Кичево и Општина Пустец претставува значаен чекор кон градење трајни мостови на соработка и пријателство, засновани на заедничка историја, заемна почит и искрена подготвеност за заеднички напредок.

Back to top