Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Соопштение – Кичево започнува со селекција на отпад по нова методологија со цел намалување на депониите и намалено загадување на воздухот и почвата

Почитувани,

Општина Кичево, информира дека од ден 11.12.2024, Среда, ќе започне со спроведување на селекција на отпадот, согласно Локалниот Акционен план за третман на отпад. Селекцијата почетно ќе се спроведува како пилот проект во населба Девеана каде се планира да се поделат канти во над 300 домаќинства. Активноста на терен ќе ја спроведува Јавното комунално претпријатие од Кичево, кое ќе склучи нови договори со жителите од населбата и ќе ги задолжи со канта за селекција на повеќе видови пластична амбалажа и лименки. Согласно планот, овие канти ЈКП Кичево ќе ги подига еднаш месечно од домовите на граѓаните и понатаму ќе врши дополнителна селекција и обработка на отпадот. Воедно, во текот на активноста, граѓаните ќе бидат запознаени со препораките и начините за селекција како и за придобивките на оваа методологија на селекција.

По населбата Девеана, Општина Кичево заедно со ЈКП Кичево ќе го прошири опфатот на услугата и кон други корисници, граѓани и компании од Кичево при што Општината паралелно ќе работи на подигање на јавната свест за намалување на отпадот и практики за рециклирање.

Селектирањето на отпад со новата методологија во Кичево, е од исклучителна важност за општината и за граѓаните, бидејќи преку селекцијата и понатамошно рециклирање и реупотреба на пластиката и лименките кои се неразградлив отпад, се обезбедува намалувањето на загадувањето преку намалување на депониите и штетните емисии во воздухот и почвата и се штитат природните ресурси на Северна Македонија за идните генерации. Воедно, преку започнувањето на процесот на селекција во Кичево се обезбедува и можност за понатамошно воспоставување на одржлив систем за управување со отпадот.

Спроведување на селекција на отпадот во Кичево, како активност е дел од проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ кој има за цел да ги подобри практиките за управување со отпад на општините и комуналните претпријатија од Пелагонискиот и Југозападниот регион, а во функција на подобрување на услугите за управување со комуналниот отпад и условите за животната средина во поддржаните општини, но и подготовка и поддршка на општините во спроведувањето на Регионалниот систем за управување со отпад. Проектот ги спроведува активностите во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а истиот е поддржан од Шведска.

Back to top