Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Во рамки на денешниот ден, во просториите на Општина Кичево се одржа првата конститутивна седница на новиот состав на Советот на општината

Седницата започна согласно законските процедури и беше водена во духот на транспарентност и демократски дијалог. Најпрво седницата ја отвори досегашниот претседател на Совет г-дин Скендер Џабири кој срдечно се заблагодари за досегашниот ангажман и соработка, така што посака успех во работата и многу здравје. Потоа дневниот ред на седницата до назначување го водеше најврозрасниот член на Советот г-дин Стево Стефаноски претставник од партијата „СДСМ“.

На дневен ред на седницата беа четири точки:

  1. Избор на Комисија за верификација, избори и именувања
  2. Верификација на мандатите на членовите на Советот на општина Кичево
  3. Потпишување на свечена изјава од страна на советниците
  4. Избор на претседател на Советот на општина Кичево

По усвојувањето на дневниот ред, беше избрана Комисијата за верификација, избори и именувања, која го спроведе процесот на верификација на мандатите на новоизбраните советници. Со тоа, официјално беше потврден легитимитетот на сите членови на Советот.

Следеше свечениот чин на потпишување на свечената изјава, со што советниците се обврзаа дека својата функција ќе ја вршат совесно, одговорно и во интерес на граѓаните на општина Кичево.

Во последната точка од дневниот ред, Советот пристапи кон избор на претседател на Советот на општина Кичево. По спроведената постапка, со 12 гласа „ЗА“, беше констатирано дека г-дин Ајхан Сулковски од коалицијата „Вреди“е избран за претседател на Советот на општина Кичево, со четиригодишен мандат.

Новoизбраниот претседател се заблагодари за довербата и истакна дека ќе работи на унапредување на транспарентноста и соработката меѓу советниците, со цел донесување одлуки во интерес на сите граѓани на општина Кичево.

Со ова, официјално започна мандатот на новиот Совет, кој во наредните четири години ќе ја креира и следи локалната политика на општината, за модерно и просперитетно Кичево за сите.

Back to top