Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Средба со претставници на „Салар“, Министерството за животна средина и ЈКП „Комуналец“ Кичево

Општина Кичево продолжува со активностите за воспоставување систем за интегрирано управување со отпад на локално ниво. Проектниот координатор Дарко Белевски, во соработка со Пер-Олоф Халберг, претставник на „Salar“ од Шведска, претставници од проектниот тим ангажиран со Министерството за животна средина и директорот на ЈКП „Комуналец“ – Бојан Стојкоски, во петокот одржаа активна работна средба и учество во заедничка дебата.

На состанокот беа разгледани досегашните реализирани активности и беа дефинирани следните значајни чекори, тоа се: Проширување на пилот-проектот за селекција на пластика, подготовка на техничката документација за изградба на Собирен центар за кабаст отпад со поддршка од УНДП, како и прецизирање на решение за локација за претоварна станица на територијата на Општина Кичево. Овие активности се во насока на приклучување кон регионалното претпријатие за управување со комунален отпад кое ќе функционира на регионално ниво.

Општина Кичево, на чело со градоначалникот Д-р Александар Јовановски продолжува со засилен интензитет да работи на проекти кои придонесуваат за почиста, поуредена и подобра животна средина за сите жители. Време е за современи и одржливи решенија.

Back to top