Се одржа првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион
Денес во Битола се одржа првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, со што започна оперативната фаза и исполнувањето на обврските од регионалниот систем за управување со отпад.
На седницата учествуваа сите 18 градоначалници од двата региони, меѓу кои и градоначалникот на Општина Кичево, Д-р Александар Јовановски, како и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање и меѓународните партнери. Беа разгледани клучните активности што ќе го насочат понатамошниот развој на регионалниот систем.
Беше истакнато дека воспоставувањето на МОУО е резултат на повеќегодишна координирана работа на општините, институциите и партнерите и претставува важен чекор кон создавање модерен, ефикасен и одржлив систем за управување со отпад.
Во рамки на седницата беше презентирана и новата веб-платформа „Регион без отпад“ (во изработка), која ќе служи како централно место за информации, координација и транспарентна комуникација со јавноста, како и за следење на работата на МОУО и напредокот на системот.
Планирани активности за првата половина на 2026 година:
- изградба на претоварни станици
- набавка на возила и опрема
- изработка на нов Регионален план за управување со отпад
- формирање на регионално комунално претпријатие
- зајакнување на комуникацијата со граѓаните
- собирање и управување со податоци за отпадот
- јасно дефинирање на обврските на општините
Членовите на Одборот нагласија дека наредниот период е клучен за поставување стабилни основи за функционален систем кој ќе обезбеди подобри услуги за граѓаните, поголема заштита на животната средина и зголемена институционална одговорност.
Со оваа седница, МОУО ја потврди својата улога како клучно тело за координација, планирање и надзор на реформите во управувањето со отпад во двата региони, со јасна заложба за транспарентност, соработка и вклучување на јавноста.
Работата на МОУО е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International, во соработка со општините и националните институции.