Општина Кичево го започнува пилот проектот за селекција на отпад – чекор кон почиста и одржлива животна средина
Општина Кичево направи значаен чекор кон подобрување на управувањето со отпадот и заштитата на животната средина. Вчера, во една од градските наслеби започна спроведувањето на пилот-проектот за селекција на отпадот. Општина Кичево е една од првите општини во државата што зема учество во оваа иницијатива која има за цел да создаде одржлив и ефикасен модел за управување со урбаниот отпад.
Оваа активност е дел од проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, чија цел е подобрување на практиките за управување со отпадот во општините и јавните комунални претпријатија од Пелагонискиот и Југозападниот регион, реализиран во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, а поддржан од Шведска. Проектот претставува важен исчекор во напорите за намалување на количината отпад што завршува на депонии и поттикнување на рециклирањето.
Жителите на избраната населба се снабдени со посебни контејнери за пластика и лименки, овозможувајќи им полесно и појасно раздвојување на отпадот. Општинските екипи, во соработка со шведски експерти, ќе го следат текот на проектот, ќе даваат насоки и ќе преземаат активности за подигање на јавната свест, со цел процесот да биде што поуспешен.
Прифаќањето на овој пилот-модел е значаен чекор кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Кичево, со надеж дека проектот ќе се прошири на територијата на целата Општина Кичево.
Општина Кичево го демонстрира својот ангажман за почиста, поодржлива и поздрава животна средина за идните генерации.